“Пристап до правда – да се знае, користи и обликува правото“!
Во периодот февруари – јули 2020 година, здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. одржа серија на обуки за промоторите во заедницата, со цел правно зајакнување на Ромите. Трите обуки се спроведоа во рамките на активноста: „Серија обуки за правно зајакнување на промотори во заедницата“ како дел од проектот: Центар за пристап до правда. Обуките беа организирани во соработка со Здружение на правници Роми од Скопје, а обучувачи беа Срџан Амет и Ариф Адеми. На обуките зедоа учество 24 учесници.

Правото има за цел да им даде на сите подеднаква шанса за постигнување на правда и многу често токму правото (законите) се пречката за постигнување на правдата!
Првата обука се одржа на 22.02.2020 година, во просториите на СТАНИЦА П.Е.Т., насловена како: „Пристап до правда“. Целта на истата беше запознавање на промоторите што значи пристапот до правда, да се знае да се користи и обликува правото, формите и рамките на пристапување до правда, како и преку практични примери учесниците самостојно да научат да идентификуваат и решаваат проблеми поврзани со оваа тема. Исто така, обучувачите им ги пренесоа своите знаења на промоторите во однос на потребата од пристап до правда и елементите кои ги содржи, како и значењето на пристапот до правда за маргинализираните групи на граѓани. Промоторите, преку практична вежба учеа и за разликите помеѓу институцијата Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и поднесоците кои се доставуваат до нив, а воедно се запознаа и со поимот и спецификациите на бесплатната правна помош која може да биде примарна и секундарна.


Моќта на лидерите со векови наназад го менувала човештвото, општеството, животите, па и судбините на милиони луѓе. Лидерите инспирираат, мотивираат, водат напред!
Втората обука се одржа на 29.02.2020 година, насловена како: „Лидерство“, на која главната цел беше запознавање на промоторите што значи лидерството, што е тоа што лидерите ги прави различни од другите, што е она што ги прави моќни да раководат со ситуациите и луѓето, кои особини го чинат вистинскиот лидер, како и преку практични примери учесниците самостојно да научат да ги постават своите насоки за изградба на своите капацитети. За време на обуката, промоторите во заедницата ги подобрија своите вештини за лидерство, а воедно се запознаа и со типовите лидери во заедницата според карактеристиките на однесувањето, а научија и како да ги препознаваат знаците за предупредување на потенцијален неуспех на лидерот, како би можеле во иднина да работат на подобрување.



Организирањето на заедницата претставува процес во кој луѓето кои живеат во одредена заедница се здружуваат во организациона форма со цел да делуваат за заедничките интереси.
На 29.07.2020 година, се одржа третата обука за промотори во заедницата: „Мобилизација на заедницата“, која беше реализирана онлајн со оглед на моменталната состојба со КОВИД-19. Целта на oбуката беше запознавање на промоторите што значи правно организирање на заедницата, како да се организира Ромската заедница, зошто е потребно истото, кои се моделите и формите кои постојат и кои можат да се применат на терен, како и преку практични примери учесниците самостојно да научат да ги постават своите насоки за изградба на своите капацитети. Воедно, промоторите се запознаа и со видовите на организирање на заедницата (организирање “тропање на вратите“, организирање заедница заснована врз вера, широко распространета и градење на коалиции). Посебно беше истакнато, дека од големо значење е вклучувањето на релевантни засегнати страни односно локалната самоуправа, министерствата, центрите и сл. во решавање на проблемите во заедницата, како и подигнувањето на свеста на членовите на заедницата, односно препознавање на моделот за реализирање на своите потреби.


“Ако правото не е достапно за сите, тогаш и правдата не е достапна за сите, а ако правдата не е достапна за сите тогаш не е право туку привилегија.“