Станица П.Е.Т. ја осудува дискриминацијата во која на група на млади Роми не им беше дозволен влез во базен. Станица П.Е.Т. застанува во поддршка против дискриминацијата од секаков вид, а особено кога таа е насочена кон Ромите. Дискриминаторската пракса во угостителските објекти и кај давателите на јавни услуги во Прилеп е долгогодишен проблем на кој ние лично сме и жртви и сведоци, и таа мора да биде искоренета ако сакаме да се декларираме како прогресивно општество.
Во изминатите денови бевме сведоци на едно недозволено однесување од страна на вработени и сопственици на градскиот базен при што на група од неколку млади Роми им било забрането да влезат на базенот со изговор дека во базенот веќе се присутни поголем број на лица, а поради протоколите не им е дозволено повеќе да пуштаат, но во истиот момент на базенот пуштиле неколку лица од Македонска националност, кои иако пристигнале после нив им било дозволено да купат карти и да влезат.


Со оваа дискриминаторска пракса се промовира нееднаков однос кон припадниците на ромската популација, истото претставува дискриминација врз основа на маргинализирана група, општествен статус и социјално потекло.
Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп кое работи на заштита на основните човекови права на маргинализираните заедници со фокус на ромската заедница, е засегнато од ваквиот дискриминаторски однос со кој се дискриминираат припадниците на ромската заедница.
Така, во изминатите денови Станица П.Е.Т. во соработка со Општина Прилеп одржаа и прес-конференција на која јасно беше потенцирано дека Ромите не се граѓани од втор ред и дека истите не заслужуваат да бидат дискриминирани и беше наведено дека ќе се работи на целосно расветлување на случајот преку искористување на сите правни механизми.
Исто така, на 27 јуни се одржа и протестен марш на Ромите во Прилеп кои обвинуваат за дискриминација која стана пракса во нашиот град.
Во однос на случајот беше поднесена и соодветна претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а дополнително ќе се поведе судска постапка иницирана како „actio popularis“, тужба во која тужител ќе биде СТАНИЦА П.Е.Т. во интерес и за заштита на поголема група на луѓе од ромска етничка припадност.