Креативна акција: „Информирај се, Пријави се и Вакцинирај се!“

Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. од Прилеп, заедно со партнерските организации и тоа: Здружение за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје), Национален Ромски Центар (Куманово), ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје, Центарот за современи уметности од Скопје и Фондацијата Отворено општество – Македонија, во Општина Прилеп спроведе Креативна акција за информирање и подигнување на свесноста за потребата за вакцинација за заштита од КОВИД-19.

Акцијата се одржа на 2 јуни 2021 година на плоштад Александрија – Камена бина во Прилеп, со почеток од 10:00 часот. Целта на акцијата беше информирање и подигнување на свесноста на пошироката јавност во однос на вакцинацијата за заштита од КОВИД-19, како и давање на практична помош на граѓаните да се регистрираат во онлајн системот vakcinacija.mk.

Оваа креативна акција е главна, а од неа се очекува да произлезат помали акции во одредени населени места и тоа: ромската населба – Тризла во општина Прилеп, како и руралните места во кои граѓаните имаат потреба од дигитална поддршка за обезбедување термин за вакцинација, како и дополнителни вистинити информации преку кои би се ослободиле од лажните вести поврзани со вакцинацијата кои постојано се шират по социјалните мрежи. Со оглед на фактот што во Прилеп и околните рурални места живеат голем број граѓани кои со соочуваат со различни економски, социјални и географски бариери, како и поради фактот што постојат голем број дигитално неписмени луѓе, вестите и соопштенијата кои Владата на РСМ ги објавува во врска со вакцинацијата за заштита од КОВИД-19 не можат да допрат до пошироките народни маси кои се оневозможени да се информираат, да се пријават и да се вакцинираат.

Перформансот се состоеше од креативно изработен симбол од корона вирусот и шприц во голем формат посветен на вакцината за заштита од КОВИД-19, се споделуваа информации во врска со имунизацијата преку дистрибуција на малечки картонски симболични шишенца со вакцини кои треба да ги добијат граѓаните што поскоро и што помасовно како би се обезбедил колективен имунитет. Исто така, беше отворен и штанд на кој граѓаните имаа можност да се информираат и да се пријават за вакцинација, во истиот момент.

Во изминатиот период во услови на здравствена криза и светската пандемија поради КОВИД-19, маргинализираните групи на граѓани се соочуваат со дополнитени предизвици, особено поради недостапноста на вакцините против КОВИД-19 до овие групи на граѓани, кои немаат финансиски средства да патуваат до друг град, со оглед на фактот што во нашиот град не можат да примат друга вакцина, освен Астразенека. И покрај фактот што пред 7 дена, во Прилеп се отвори и првиот вакцинален пункт, во моментов се аплицираат единствено вакцините на производителот Астразенека кои се наменети за граѓани над 60 годишна возраст, а останатите граѓани се приморани да патуваат до Битола за да примат вакцина од друг производител што ги изложува на дополнителни трошоци кои не се во можност да ги покријат.

Преку спроведување на оваа активност се очекува зголемување на бројот на пријавени граѓани за вакцинација што ќе доведе до масовна имунизација и создавање на колективен имунитет кај населението во Република Северна Македонија кое дополнително ќе придонесе за олабавување на заштитните мерки кои често претставуваат терет за граѓаните кои не можат да си дозволат континуирано почитување на истите поради економската или социјалната состојба во која се наоѓаат.

*Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија со Центарот за современи уметности од Скопје, а на обуката и во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. (Прилеп); ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците (Скопје); Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје) и Здружение Национален Ромски Центар (Куманово).

Similar Posts

  • Креативна акција: „Пинокио во градинка, децата дома“

    Денес се одржа Креативна акција: „Пинокио во градинка, децата дома“, во која јунаците од приказните  и цртаните филмови помагаат на прилепчани во нивните напори да проработи градинката во населбата Точила.  Креативната акција беше поставена пред градинката во населба Точила, која сеуште „чека“ на свечен прием и отворање. Преку овој настан, на кој во вид на изложба се…

  • #Зелен Петок 7: Нашата акција, нашата природа, наша одговорност!

    Здружението СТАНИЦА ПЕТ во соработка со ЈКП Комуналец – Прилеп организираше акција за чистење на јавна површина кај Вештачкото езеро – Излетнички ливади. Преку иницијативата „Зелен петок“ поттикнуваме поголема грижа за животната средина, заедничка одговорност и активно учество на граѓаните во зачувувањето на јавните простори. Целта на акцијата беше чистење на јавна површина и подигнување…

  • Учество на промотивен настан за следење на изборните ветувања

    На 31 октомври, во организација на Strategic Management Systems – SMS во Битола се одржа промотивен настан „Натамошен развој на концептот за следење на изборните ветувања – искуства и научени лекции на општините и граѓанските организации“. На настанот свое излагање имаше Маја Петанческа, проектен координатор во СТАНИЦА ПЕТ која го презентираше искуството од мониторингот на…

  • Завршна конференција – Проект: „Пристап до правда за најмаргинализираните“

    На 27 јуни 2023 година, се одржа завршна конференција со која успешно беше заокружен проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ кој се спроведува од јануари 2022 година и завршува во јули 2023. Воведни обраќања на настанот имаа г-н Константин Јовановски, програмски офицер при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-а Весна Наковска, раководителка на одделението за бесплатна…

  • Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и нов Народен правобранител

    Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и избор на нов Народен Правобранител. Законот за спречување и заштита од дискриминација стапи на сила со објавувањето во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 258/2020 на 30.10.2020. Согласно…

  • Oнлајн сесија за добри локални практики за животна средина: РЕДИ Рециклажа

    На 29 јуни 2026 година, Здружение СТАНИЦА ПЕТ организираше онлајн сесија посветена на иницијативата REDI Recycling, која се одржа преку платформата Zoom, со паралелен пренос во живо на Facebook. Гостин на настанот беше Лејла Зекировска, проектен менаџер во Иницијативата за економски развој на Ромите – REDI, која ја презентираше иницијативата REDI Рециклажа – ромско социјално…