Инфо сесија: Со полни 18 години здравственото осигурување е твоја обврска!

На ден 16.05.2019 година се одржа информативна сесија на тема: „Со полни 18 години здравственото осигурување е твоја обврска!“. Потребата од овој настан се појави во текот на секојдневната работа на здружението при што беа идентификувани повеќе случаи на лица со полни 18 години кои се соочиле со прекин на правото на здравствено осигурување кога се обратиле на матичен лекар, а притоа не знаеле кога и зошто настанал прекинот и што да направат во врска со тоа.

Целта на информативната сесија беше да се информираат младите за постапката за остварување на здравственото осигурување, како во иднина не би се соочувале со пречки во остварување на правата на здравствена заштита.

Присутни беа 30 лица меѓу кои млади на возраст од околу 18 години кои се директно засегнати со проблемот, претставници од граѓанскиот сектор, како и претставници од Фондот за здравствено осигурување Подрачна служба Прилеп, кои беа говорници на сесијата.

Заклучоци:

  • Младите лица со полни 18 години имаат обврска да се обратат во Подрачната служба на ФЗО Прилеп, со цел да ја проследат постапката за продолжување на правото на здравствено осигурување со поднесување на соодветна документација, како не би настанал прекин, да се прошири во средните општински училишта, младински организации како и помеѓу целните групи на гараѓанскиот сектор.
  • Пријавувањето во Центарот за вработување како активен барател на работа не е поврзано со остварувањето на правото на здравствено осигурување.
  • Статусот на здравствeно осигурување може да се провери на интернет страната на ФЗОМ: https://moeosiguruvanje.fzo.org.mk/, а за информации и асистенција сите лица може да се обратат во канцеларијата на здружение СТАНИЦА П.Е.Т.
  • ФЗОМ да најде начин и да преземе соодветни технички активности (електронско или писмено известување) за информирање на корисниците на здравственото осигурување, особено лицата кои наполниле 18 години, за можноста за прекин на правото, со цел да се обратат во подрачните служби на ФЗО за проследување на постапката како не би настанал прекин, а во насока на продложување на правото на здравствено осигурување, непрекинат пристап до правата од здравствена заштита и користење на здравствените услуги.

Како резултат, после настанот беше подготовено и испратено и писмено Барање до Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, во кое беа изнесени наодите од терен и заклучоците од оваа сесија и беше побарано да се изнајде соодветно техничко решение за информирање/предупредување на корисниците пред да настане прекинот на здравственото осигурување, како би можел корисникот соодветно да реагира и да се превенира појавата на пречки во добивањето на здравствени услуги и евентуални штети по здравјето на корисниците кои од тоа произлегуваат.

Similar Posts