Денес се одржа Креативна акција: „Пинокио во градинка, децата дома“, во која јунаците од приказните и цртаните филмови помагаат на прилепчани во нивните напори да проработи градинката во населбата Точила. Креативната акција беше поставена пред градинката во населба Точила, која сеуште „чека“ на свечен прием и отворање.
Преку овој настан, на кој во вид на изложба се појавуваат Пинокио и неколку ликови од цртаните филмови и приказните, сакаме уште еднаш да алармираме на енормното доцнење и калкулирање со отворањето на градинката во населбата Точила која треба да прими околу 250 деца и да го реши проблемот на немањето место во градинките во овој дел од градот, но за жал не се знае кога ќе проработи. Идејата на оваа креативна акција е да ја алармира локалната, но и целата јавност во С. Македонија за недостатокот на јавни установи за згрижување на деца во Прилеп. Она што е особено важно е дека оваа градинка е особено важна за граѓаните од ранливите категории и семејствата со минимални примања, бидејќи тие не можат да си дозволат приватни установи за сместување на децата, а неможноста истите да бидат примени во друга јавна установа за згрижување деца ги ограничува родителите во обезбедувањето работни ангажмани, а со тоа и егзистенција на семејствата.
Преку оваа акција во која Пинокио всушност не лаже туку ја кажува вистината, сакаме да потсетме дека во многу наврати досега беше ветено довршување на изградбата и пуштање во употреба на градинката во населба Точила, чија изградба започна во април 2021 година со ветување дека ќе почне со работа во 2022. За жал веќе сме на половина од 2024 година, а градинката иако е изградена и според кажувањата завршени се сите ентериерни работи се уште не е пуштена во употреба, при што нема официјална потврда ни дека од оваа есен децата ќе можат да тргнат во оваа градинка. Се надеваме дека овој настан, граѓанската и медиумската поддршка ќе го забрза решавањето на овој горлив проблем на повеќе од 200 деца и семејства од Прилеп.
*Настанот и акцијата се поддршка на групата Урбани уметнички акции за здружението на граѓани Станица П.Е.Т и жителите на населбата Точила и градот Прилеп. По завршувањето на настанот елементите и делата ќе бидат подарени на градинката за да ги украсуваат нејзините ѕидови и училници и да ги радуваат децата кога истата ќе биде отворена – што се надеваме дека ќе биде во блиска иднина.