“Работата со заедниците, мора да произлегува и да се случува директно во заедниците“.
Во периодот од 23.09.2020 до 02.10.2020, Здружение СТАНИЦА П.Е.Т. организираше отворени инфо денови – ИНФО КАРАВАН со граѓаните од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени Прилеп, чија главна цел беше граѓаните на овие општини да се запознаат со активностите на проектот и начинот на кој можат да пристапат до правда за себе и за своите блиски.



Инфо-краванот беше поставен секој работен ден во периодот од 11 до 14 часот, на следните локации: Прилеп – центар, с. Обршани, Прилеп – нас. Тризла, с. Долнени, с. Витолиште и с. Крушевица, с. Кривогаштани, с. Ропотово и с. Лажани и Прилеп – нас. Точила. Притоа 843 граѓани имаа можност да дознаат за правата и правната помош – услугите кои можат да ги добијат во Здружение СТАНИЦА П.Е.Т., како што се: пополнување на документација, совети и упатство за остварување на права од здравствена и социјална заштита, права од вршење на земјоделска дејност, работни односи, вадење на лична документација, права од домување, помош при поднесување барања и друга документација до надлежни институции. Здружението ги обезбедува овие услуги преку своите правници и параправници кои работат на територијата на општина Прилеп и околните рурални места.
„Е конечно некој и кај нас да дојде, а да не е политичка партија пред избори!“,
„Со години немам слушнато некој да дава правна помош на луѓето, а баш тоа најмногу ни треба. Проблеми имаме колку да сакаш!“
“Кај нас никој не доаѓа ни за лошо, а не пак за арно.Чекајте да им кажам и на другите дека вие сте тука.“
Вака го пречекуваа граѓаните Инфо-караванот, со интерес за промотивните материјали кои беа дистрибуирани и информациите кои со нив беа споделени.


Комуникацијата со граѓаните на терен уште еднаш покажа дека правдата сеуште е привилегија за маргинализираните, но и дека сите граѓани освен права имаат и обврски, дека правни потреби и проблеми има секој граѓанин, независно дали живее во урбана или рурална средина и дека никој не смее да биде изоставен од можноста да пристапи до правда за себе и за своите блиски бидејќи “Правдата не е привилегија“.


Проектот: „Пристап до правда за најмаргинализираните“ го спроведува Фондација Отворено општество – Македонија во партнерство со Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е заштита на човековите права преку правно зајакнување и унапредување на пристапот до правда за најмаргинализираните групи граѓани, со фокус на Роми, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, деца и семејства во социјален ризик и други ранливи заедници.

