На 30 септември 2021 година, се одржа завршната конференција на проектот “Пристап до правда за најмаргинализираните” во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерските организации Станица ПЕТ и ХОПС. Проектот беше финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија, а беше имплементиран во периодот од јануари 2020 до октомври 2021 година.
На завршната конференција беа презентирани постигнатите резултати на проектот и најчестите прекршувања на човековите права во време на пандемија, а се разговараше и за Законот за Бесплатна правна помош и Целта за одржлив развој 16.3 на национално ниво.

Воведни обраќања на настанот имаа г-н Фрик Јанмат, Раководител на одделението за економски развој, владеење на правото и јавна администрација при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-н Бојан Маричиќ, Министер за правда на Република Северна Македонија и г-а Фани Каранфилова–Пановска, Извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Во рамки на вториот панел од конференцијата беа презентирани клучните резултати на проектот како и најчестите прекршувања на човековите права кои беа идентификувани. Свои обраќања на панелот имаа Христина Василевска Димчевска – Координаторка на проектот, Игор Јадровски – член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Шапкоски – Координаторка на проектот од Станица П.Е.Т. и Хајди Штерјова Симоновиќ – извршна директорка на ХОПС.


Третиот панел беше резервиран за презентација на клучните наоди од поготвените извештаи за примена на законот за бесплатна правна помош како и за имплементацијата на ЦОР 16.3 на национално ниво. На третиот панел свои обраќања имаа: Гоце Коцевски Македонско здружение на млади правници, Стојан Мишев – автор на Анализата за следењето на имплементацијата на Целта за одржлив развој (ЦОР) 16.3 на национално ниво и Катерина Шојиќ – авторка на Извештајот за имплемeнтација на Законот за Бесплатна правна помош.


Во рамки на проектот беа обезбедени повеќе од 5.000 услуги за најранливите граѓани – оние кои ги изгубија работните места да ги остварат правата, граѓаните кои се соочија со дискриминација и системско кршење на човековите права, на жртвите на семејно насилство, како и на граѓаните кои имаа потреба од остварување на социјалните, имотните и други права. Заложбите продолжуваат под мотото “Ако правото не е достапно за сите, тогаш и правдата не е достапна за сите. А ако правдата не е достапна за сите, таа не е право туку привилегија!”
Извештајот за примената на Законот за бесплатна правна помош можете да го прочитате на следниот линк


Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп.