ПРИСТАП ДО КЛИМАТСКА ПРАВДА ПРЕКУ КРЕАТИВНА АКЦИЈА – населба Тризла

Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. на 25 септември 2021 во општина Прилеп спроведе Креативна акција за информирање и подигнување на свесноста во однос на опасноста од климатските промени. Акцијата се одржа во населба Тризла 2, м.в. Кај Крстот, чија цел беше подигнување на свесноста и информирање на пошироката јавност во однос на опасноста од климатските промени кои се случуваат глобално, како и свртување на јавното внимание за климатските ризици во кои се наоѓаат маргинализираните граѓани.

Оваа креативна акција е дел од проектот: „Климатска правда за маргинализираните граѓани“, кој го спроведува Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. со цел овозможување на пристап до климатска правда за граѓани од маргинализирани заедници, преку идентификување на диви депонии кои ја загрозуваат животната средина, свртување на јавното внимание за климатските ризици во кои се наоѓаат маргинализираните групи на граѓани, од што се очекува да произлезе креирање на партнерство за вклученост на граѓаните и нивните климатски потреби во програма на локалната самоуправа. Акцијата е резултат на претходно спроведено мапирање на диви депонии во нас. Тризла 2, при што беа идентификувани четири локации (Три Багреми, Дебарца, Покрај Касарни и м.в. Кај Крстот) каде се создадени диви депонии кои не ги задоволуваат ниту основните еколошки стандарди и се на штета на здравјето на граѓаните и целокупната животна средина.

Преку спроведување на оваа активност се очекува решавање на проблемот со дивите депонии преку опфаќање на двете маала: Три Багреми и Дебарца со ДУП и предвидување на регуларна депонија по стандарди кои ги задоволуваат критериумите за заштита на животната средина. Со ова ќе се придонесе кон зголемување на климатската свест кај граѓаните, но и кај локалните институции за заштита на здравјето на граѓаните, но и актуелизирање на проблемот со дивите депонии и нивното штетно влијание, со што ќе се овозможи притисок од јавноста за решавање на истиот.

Перформансот на креативната акција се состоеше во изградба на проектот “Дива депонија” во нас. Тризла 2, м.в. Кај Крстот (Дебарца), каде на површина повеќе од 1 км2 се гради куп од најразличен отпад, при што симболично го обележавме второто „градилиште“ во нас. Тризла 2, м.в. Кај Крстот (Дебарца) со соодветна табла и црвена лента, бидејќи особина на сите нас е да бегаме од одговорност. Сметаме дека овој проект се гради сам од себе, без поддршка од никого, а “придобивките” од загадувањето ќе ги користат сите граѓани на општина Прилеп и пошироко.

Погледнете ја актуелната состојба со депонијата на следниот линк


*Креативната акција се реализира во рамки на проектот “Климатска правда за најмаргинализираните граѓани” со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на СТАНИЦА П.Е.Т. и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на ФООМ.

Similar Posts