Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп на 27.10.2020 година, во х. Кристал Палас организираше јавна дискусија во рамките на проектот: „Анти-корупција во здравството низ призмата на теренската работа“, кој се спроведува во периодот ноември 2019 – октомври 2020 година, а главната цел е сензибилизирање на јавните здравствени установи за поголема отчетност и транспарентност во спроведувањето на јавните набавки, прилагодени според потребите на пациентите.
Целта на оваа активност беше презентација и дискусија за проблемите кои беа идентификувани од спроведувањето на десктоп анализа за начинот на спроведување на јавните набавки и разговорите со пациенти кои биле корисници на услугите на ЈЗУ Општа болница Прилеп за време на индивидуалните интервјуа и фокус групи кои се одржаа во изминатиот период, а со кои беа опфатени 54 граѓани од општина Прилеп и руралните места.




а време на завршниот јавен настан, на кој учество зедоа 29 граѓани на општина Прилеп и руралните места, како и претставници на граѓански организации и институции беа презентирани резултатите од истражувањето, искуствата од работата на терен помеѓу пациентите кои биле корисници на услугите на ЈЗУ Општа болница Прилеп во 2018/2019 година и беше промовирано првото издание на Гласник за анти-корупција на локално ниво во кој се презентирани заклучоците и препораките кои произлегоа од истражувањето.

За време на дискусијата уште еднаш се потврди дека сите имаме одговорност да работиме и придонесеме за поголема транспарентност во јавните набавки, како и би овозможиле поквалитетни јавни услуги кои одговараат на потребите на граѓаните.
Во продолжение се заклучоците сумирани и презентирани во гласникот за анти-корупција на локално ниво:
- Планирањето на јавните набавки е проследено со слабости манифестирани преку ненавремено планирање на значајни набавки, како што е набавката на медицински материјал во вредност од 8,3 милиони денари во 2018 година, како и со непочитување на временската рамка и проценетата вредност на набавката што е забележано во однос на тендерот за набавка на храна и прехранбени производи.
- Слабостите во планирањето можат да се забележат и во користењето на иста тендерска документација и техничка спецификација за ист вид набавки од година во година. Ова може да биде показател за тоа дека не се следи реализацијата на договорите која треба да биде основа за подобрување на процесот на набавки. Набавката на ист вид производи во исти количини со години, особено во однос на прехранбените продукти го зголемува ризикот од несоодветни набавки кои не одговараат и не ги следат реалните потреби на пациентите.
- Конкуренцијата на тендерите, која била на релативно солидно ниво, не резултирала со склучување на договори по поволни цени. Имено, одредени прехранбени продукти, како што се кашкавалот и месото, се купувани по цени кои се на ниво на малопродажните цени што е нелогично ако се имаат предвид големите количини. Набавките на ниво на малопродажни цени секако ја доведуваат во прашање смислата на спроведената постапка за јавна набавка.
- Доколку вредноста на договорите за јавни набавки на храна и прехранбени производи како и за леб и бели печива се стави во сооднос со бројот на потребни оброци во ЈЗУ Општа болница Прилеп во 2018 година, произлегува дека дневно се располага со продукти во вредност од 255 денари. Ова е релативно солиден износ кој секако остава простор за подобрување на квалитетот на менијата на пациентите и нивната редовна и соодветна достапност.
- Пациентите се делумно задоволни од услугите кои ги добиваат од ЈЗУ Општа болница – Прилеп. Најголеми проблеми кои ги истакнаа се: лоша хигиена, несоодветна исхрана (недоволна и неприлагодена на дијагнозата на пациентите, со лош квалитет и недоволно количински), недостиг на магнетна резонанца, за што се приморани да патуваат до Битола за да ја добијат соодветната услуга, недостиг на терапија, која во голем број ситуации пациентите си ја набавуваат сами и сл.
- Пациентите имаат проблеми со лошиот однос на медицинскиот персонал, кој покрај маката која ја има пациентот, треба психички да се оптоварува и со непотребни коментари.
- Согласно ставовите на пациентите, храната која ја добиваат не соодветствува на дијагнозата, не постои различен режим на исхрана – за различни болести, а речиси на сите лежечки пациенти им било напоменато дека треба да си носат прибор од дома. Често се случувало на членовите на семејството да им биде кажано да донесат храна за пациентот од дома, бидејќи таа што е на менито не е соодветна за неговата/нејзината состојба.
- Хигиената е релативно задоволителна, со разлики во зависност од одделението (најдобро – очно одделение и гинекологија, најлошо – ортопедија, инфективно). Најчесто пациентите се жалат на стари и дотраени постелнини, чаршави, лоша хигиена во тоалетите . Во повеќе случаи биле приморани сами да носат постелнина од дома, бидејќи во моментот немало или не биле испрани.
- Пациентите се релативно задоволни од користењето на апаратурата во болницата. Напоменуваат дека недостига магнетна резонанца, што ги изложува на дополнителни трошоци, да патуваат до други градови, а често и го става во ризик нивното здравје поради долгата листа на чекање за закажување на термин. Во однос на добивањето на резултатите, во зависност од снимањето, пациентите ги добиваат резултатите веднаш, дигитализирани – на CD.
- Лежечките пациенти често сами си набавуваат терапија, но и различен потрошен материјал (игли, шприцеви), посебно на детско одделение, интерно, урологија и одделението за гинекологија и акушерство.
- Кај пациентите се прави конфузија во однос на препознавањето на медицинскиот персонал, кој не носи соодветни ознаки како би се правело разлика помеѓу докторите, медицинските сестри, болничарите и хигиеничарите.
- Сите пациенти слушнале за случаи на корупција, но не знаат да кажат дали им се случила лично нив односно дали се тие жртви на коруптивно однесување.
- Постои пракса кај пациентите „да се почести“ медицинскиот персонал пред или по давањето на услуга, која е карактеристична за некои здравствени услуги (како што е хируршка интервенција или породување), иако не за сите. Пациентите кои ова го сториле нагласија дека не им било изричито побарано тоа да го направат, но дека слушнале дека е тоа пракса, па им било непријатно да не постапат така.
- Пациентите сметаат дека доколку докторите бидат доволно платени, не се под притисок (бидејќи во моментов еден доктор работи како за тројца) и се вработат нови доктори, значително ќе се подобри и давањето на здравствените услуги.


Настанот беше проследен и од локални и национални медиуми:
Целосната верзија на Гласникот за анти-корупција на локално ниво можете да ја најдете на следниот линк.
Проектот: „Анти-корупција во здравството и образованието на локално ниво“ е дел од иницијативата: „Намалување на корупцијата во здравството и образованието на локално ниво“ кој го спроведуваат Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп, Центар за граѓански комуникации и Центар на заедницата на општина Струга, со финансиска поддршка на Фондација Отворено Општество Македонија.