Со особена посветеност кон унапредување на заштитата и поддршката на жените, Здружението СТАНИЦА ПЕТ официјално го започна со работа Советувалиштето за психосоцијална поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство.
Потребата од ваков тип на услуга произлегува од сè поголемата потреба за достапна, континуирана и сеопфатна поддршка за жени и деца кои се соочуваат со различни форми на насилство. Особено значајно е што Советувалиштето е отворено и достапно за жени и деца од различни ранливи категории, вклучително жени од рурални средини, жени со попреченост, жени од маргинализирани заедници, како и оние кои се соочуваат со социјална и економска исклученост. Преку прилагоден пристап и активно надминување на бариерите за пристап, се овозможува поддршката да стигне до оние на кои им е најпотребна.

Советувалиштето претставува безбеден и доверлив простор каде жените можат да добијат стручна помош, разбирање и поддршка во процесот на справување со насилството и неговите последици. Во рамки на услугата, како дел од постојаниот тим е ангажиран стручен психолог, кој обезбедува континуирана психолошка поддршка, како и надворешно ангажирани психотерапевти со цел обезбедување специјализирана и сеопфатна грижа.
Покрај психосоцијалната поддршка, СТАНИЦА ПЕТ продолжува да обезбедува и правна и административна помош за жените кои се соочуваат со родово базирано и семејно насилство. Оваа поддршка вклучува информирање за правата, помош при поднесување барања и постапки пред институции, како и придружба низ целиот процес на остварување на правдата.
Во насока на долгорочно зајакнување и независност, особено внимание се посветува и на економското јакнење на жените. Преку различни активности и индивидуален пристап, корисничките добиваат поддршка за дооформување на своето образование, развој на вештини и кариерно насочување, со цел нивна поголема вклученост на пазарот на труд и обезбедување одржлива иднина.

Посебен сегмент од работата на Советувалиштето е насочен кон обезбедување поддршка за деца жртви на семејно насилство. Преку прилагодени пристапи и стручна работа, децата добиваат психосоцијална поддршка со цел надминување на траумата, зајакнување на нивната емоционална стабилност и поттикнување на здрав развој во безбедна и поддржувачка средина.
Отворањето на Советувалиштето претставува значаен чекор кон создавање системска, достапна и интегрирана поддршка за жените и децата жртви на насилство, ставајќи го нивното достоинство, безбедност и автономија во центарот на сите активности.
За повеќе информации помош и поддршка, заинтересираните можат да не контактираат преку:
- е-пошта [email protected]
- тел. бр. +389 76 278 753
- или лично во канцеларијата на ул. Прилепски бранители 24/1 – мезанин (наспроти Поштата).