„Не е ѓубре ако знаеш каде завршува: селекција на отпад во домаќинствата!“ работилница со млади

Во рамки на иницијативата #ЗеленПеток, се одржа работилница на тема „Не е ѓубре ако знаеш каде завршува: селекција на отпад во домаќинствата“, дел од четвртата по ред месечна акција посветена на подигнување на еколошката свест и унапредување на практиките за одговорно управување со отпадот во локалната заедница.

На работилницата учествуваа 30тина млади од Прилеп и околните места кои на ваков начин имаа можност да го унапредат своето знаење и разбирање за процесите поврзани со селекцијата на отпад, да се разјаснат постојните модели што се применуваат во Општина Прилеп и да се поттикне активно учество на граѓаните во создавање поодржлив и поефикасен систем.

Обучувач на работилницата беше м-р Лилјана Пурдеска Силјаноска, помошник на директорот за односи со јавноста при ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, која преку детална и практично ориентирана презентација ги запозна присутните со концептот на примарна селекција на отпад на местото на создавање, како еден од клучните чекори кон намалување на количината на отпад што завршува на депонија.

Во текот на работилницата беа обработени повеќе тематски целини, меѓу кои:

  • што претставува отпад и зошто тој не треба да се третира како „ѓубре“, туку како ресурс;
  • видовите отпадни фракции и нивното правилно одвојување во домаќинствата;
  • разликата помеѓу сува и влажна фракција и значењето на нивното правилно одлагање;
  • улогата на граѓаните во целиот синџир на управување со отпадот;
  • важноста на навиките и одговорното однесување во секојдневието.

Посебен акцент беше ставен на практичните аспекти на селекцијата, со примери од реалната состојба во Прилеп, како и со осврт на искуства и добри практики од европски земји, особено од Шведска, кои служат како ориентација за долгорочен развој на локалниот систем за управување со отпад.

Преку интерактивен пристап, учесниците имаа можност да поставуваат прашања, да споделуваат лични искуства и да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното селектирање на отпадот. Дискусијата покажа дека, покрај инфраструктурните предизвици, клучен фактор за успех е континуираната едукација и јакнењето на свеста дека секој поединец има улога и одговорност во заштитата на животната средина.

Во рамки на работилницата беше нагласено дека селекцијата на отпад не треба да се гледа како дополнителен товар за граѓаните, туку како инвестиција во почиста животна средина, подобар квалитет на живот и поздрава иднина за следните генерации. Беше истакнато и дека без соработка меѓу граѓаните, јавните претпријатија и локалната самоуправа, ниту еден систем не може да биде целосно функционален.

Работилницата заврши со јасни пораки за акција, при што учесниците беа охрабрени:

  • активно да ја применуваат селекцијата на отпад во своите домаќинства,
  • да бидат пример во својата заедница,
  • да се вклучуваат во идни едукативни активности и иницијативи поврзани со заштита на животната средина.

Отворена онлајн сесија во живо

Со цел да се овозможи пошироката јавност и следачите на социјалните мрежи на здружението да можат да се вклучат со поставување на прашања и предлози, беше реализирана и Facebook Live сесија, која овозможи директна комуникација помеѓу граѓаните и претставникот на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

За време на сесијата, граѓаните активно поставуваа прашања и споделуваа свои размислувања и предизвици поврзани со управувањето со отпадот во секојдневието. Меѓу клучните теми што беа отворени се најдоа:

  • Зошто е важно правилното селектирање на отпад?
    Беше нагласено дека селекцијата е основа за ефикасно управување со отпадот, намалување на количината што завршува на депонии и заштита на животната средина.
  • Како домаќинствата можат реално да го намалат отпадот, а не само да го селектираат?
    Се потенцираше значењето на превенцијата – рационална потрошувачка, повторна употреба и компостирање на биоразградливиот отпад.
  • Постоење на план и програма за едукација на населението
    Претставникот на ЈКП информираше за тековните и планираните активности за едукација, како и за потребата од континуирана соработка со граѓанскиот сектор.
  • Недостаток на контејнери за селекција по маала и згради, со посебен осврт на населбата Точила
    Беше истакнато дека ова е реален предизвик, кој е препознаен и за кој се планираат идни решенија во согласност со можностите и развојот на инфраструктурата.

Граѓаните, исто така, дадоа конкретни предлози, како потребата ЈКП „Комуналец“ да обезбеди бесплатни канти за селекција по домаќинства, со цел да се олесни правилното одлагање на отпадот.

Сесијата заврши со позитивни коментари и поддршка за иницијативата #ЗеленПеток и за работата на Здружението СТАНИЦА ПЕТ, при што беше истакната важноста од вакви отворени и транспарентни формати за градење доверба и заеднички решенија.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на #ЗеленПеток како иницијатива за информирање, дијалог и заедничко дејствување, при што работилницата претставуваше значаен чекор кон градење на одржливи навики и поголема еколошка одговорност во локалната заедница.

*Активноста е во рамки на проектот „Еко иницијатива: граѓаните и локалната власт во акција за заштита на животната средина!“, имплементиран од Здружение СТАНИЦА ПЕТ, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан”, имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи, Македонското здружение на млади правници и Фронт 21/42, а е финансиски поддржан од Европската унија.

Similar Posts

  • 5 години Станица ПЕТ

    На 20.09.2023 година, прославивме 5 години постоење на нашето здружение. Во изминатите години, реализирани се 25 проекти со фокус на правно зајакнување, пристап до правда, унапредување на човековите права, транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество, обезбедени се над 5000 услуги за повеќе од 1500 граѓани, вклучени се над 300 претставници од заедниците, граѓанските организации и институциите…

  • СТАНИЦА П.Е.Т. со едукативна активност за борба против корупција

    “Обезбедувањето на континуитет на правната едукација за борба против корупција на граѓаните придонесува кон разбивање на митот околу негативната појава како апстрактна, страшна и недостижна за обичниот граѓанин. Секој има право да биде информиран како да препознае и пријави корупција и судир на интереси.“ На 15.03.2021 година, Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т….

  • Прва фокус група

    На ден 26.11.2021 во просториите на Здружение СТАНИЦА П.Е.Т. се одржа првата фокус група со жени од Ромската заедница. На фокус групата се разговараше за причините и одговорот на надлежните институции во заштитата на правата на оваа категорија на граѓани во полето на дискриминацијата со посебен акцент на интерсекциската дискриминација.   ——————————————————————————————————– Активноста е дел од Проектот: „Интерсекциска дискриминација во  Северна…

  • Мрежа за заштита од дискриминација: Прес конференција пред Собранието на Р.С. Македонија

    Во среда 27.11.2019 година во 09:30 часот, пред Собранието на Република Северна Македонија, десет мрежи на здруженија на граѓани одржаа прес конференција на која повикаа на итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Се работи за институции кои се од исклучителна…

  • Јавен оглас за ангажирање на советник за поддршка и информирање

    Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ Прилеп, во рамки на проектот „Паметно зелено село за одржлива иднина“, кој се реализира со поддршка од Фондации Отворено Општество – Западен Балкан, објавува: ЈАВЕН ОГЛАС За ангажирање на советник за поддршка и информирање Општи информации за Проектот Проектот „Паметно зелено село за одржлива иднина“ е насочен…

  • Летна школа: „Fostering Collective Action on Religious Freedom in the Western Balkans“

    Како дел од Програмата за поттикнување на колективна акција за верски слободи во Западен Балкан спроведувана од NDI North Macedonia, претставници на нашето здружение беа дел од летната школа, која се реализираше во периодот од 17 – 21 јули 2023 година. За време на школата учесниците имаа можност да споделат искуства, предизвици, успешни приказни и научени лекции…