Ако правото не е достапно за сите тогаш и правдата не е достапна за сите. А ако правдата не е достапна за сите, таа не е право туку привилегија!
Во периодот 22–25 јуни 2020 година, се одржа он-лајн школа за параправници која ја организираше Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Главната цел на обуката беше параправниците да се запознаат со правата и постапките кои произлегуваат од социјалната заштита, работни односи и земјоделска дејност, а воедно и да стекнат основни познавања за улогата и значењето на параправната помош.
За време на он-лајн школата беа обучени 12 параправници кои во наредниот период ќе им помагаат на граѓаните правилно и навремено да си ги остварат правата.
Обучувачки на он-лајн школата беа Наташа Бошкова – адвокатка и правна советничка во Здружение ХОПС и Коалиција Маргини и Марина Тошеска – Проектна менаџерка во ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Темата на првиот час од он-лајн школата беше: „Работата и системот на параправна помош“, каде воведно излагање имаше Весна Шапкоски (СТАНИЦА П.Е.Т.) која ги презентираше целите на проектот и обуката, ги запозна учесниците со визијата, мисијата и активностите на здружението и што подразбира параправната помош. Потоа, предавачката Наташа Бошкова даде воведни насоки за параправната помош, предизвиците со кои се соочуваат параправниците во заедницата, како функционира системот на параправна помош, во кои области е потребна параправната помош и како параправната помош дава резултати во промена на законите и промена на општеството, а посебно промена во начинот на кој постапуваат институциите со ранливите групи на граѓани. Од излагањето на учесниците се заклучи дека тие би работеле во рурални средини, со Роми и други маргинализирани категории на граѓани.
Темата на вториот ден од он-лајн школата за параправници беше: „Права од социјална заштита“. Предавачката Наташа Бошкова ги запозна учесниците со уставното и законско уредување на правата од социјална заштита (со Уставот на РСМ, Закон за социјална заштита, Закон за заштита на деца, Закон за социјална сигурност на старите лица, Законот за семејството, Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност). Исто така, се дискутираше за начинот на обезбедување на дејноста на социјалната заштита, кој може да биде корисник на социјална заштита, кои се правата и обврските на корисниците, но и права и обврски на центрите за социјална работа. Исто така, се зборуваше за препреките кои постојат во пракса во однос на имплементацијата на законите и како параправниците во својата работа можат да придонесат во нивно идентификување и надминување.

Темата на третиот ден од он-лајн школата за параправници беше: „Права од работен однос“. Во рамки на третиот час, предавачката Наташа Бошкова ги запозна учесниците со уставното и законското уредување на работните односи, правото на работа, заштитата при работа, правата и обврските на работникот и работодавачот. Се дискутираше за начинот на прекин на работниот однос, правата кои ги има работникот во случај на прекин, но и за најчестите манипулации на кои се подложни работниците во овој дел, а кои се особено зачестени во периодот на кризата со КОВИД – 19. Дополнително се зборуваше и за механизмите за заштита на работничките права преку синдикатите, судовите, а најважно од се и преку парпаправната помош и вклучувањето на здруженијата во случаи каде се иднетификувани повреди.

Темата на четвртиот ден од он-лајн школата за параправници беше: „Права од земјоделска дејност “. Во рамки на овој последен час, предавачката Марина Тошеска ги запозна учеснците со законското уредување на земјоделската дејност, кој може да биде земјоделски производител, што претставува земјоделско стопанство и кој може да врши земјоделска дејност. Понатаму, се зборуваше за разликите помеѓу индивидуален земјоделец и семејно земјоделско стопанство, уписот во регистар на индивидуални земјоделци, начиност на остварување на здравствено и пензиско осигурување за земјоделци, начинот на остварување право на субвенции, искористување на помошта во рамки на ИПАРД порограмата и т.н. Исто така, се обрна внимание и на земјоделските задруги како форма на здружување и окрупнување на земјоделската дејност која нуди особено поволни можности. Се потенцираа најчестите пречки и проблеми со кои се соочуваат земјоделците во рамки на остварување на своите права и како параправниците во својата работа на терен можат да придонесат во идентификување и надминување.

*Он-лајн школата е дел од активностите кои се спроведуваат во рамки на проектот: „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и СТАНИЦА П.Е.Т. со поддршка од Европската Унија.