„Ако правото не е достапно за сите тогаш и правдата не е достапна за сите. А ако правдата не е достапна за сите, таа не е право туку привилегија!“

Во периодот 28-30 јули 2021 година, се одржа летна школа за параправници која ја организираше Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Главната цел на обуката беше параправниците да стекнат поголеми познавања за правата и постапките кои произлегуваат од социјалната заштита, работни односи, лична документација, бесплатна правна помош, дискриминација и статусни прашања, а воедно и да споделат искуства, прашања и предизвици со кои се соочиле во текот на изминатата година во која делуваат како правници на терен. Моментално, Станица П.Е.Т. има четири параправници кои делуваат во општините Кривогаштани, Долнени, Мариовскиот регион и ромската заедница во општина Прилеп. Обуката се одржа во Хотел Дрим во Струга.
За време на летната школа параправниците предводени од правниците во здружението стекнаа дополнителни знаења поврзани со различни права и проблеми со кои најчесто се соочуваат граѓаните од руралните средини, но и во ромската заедница. Обучувач на летната школа за параправници беше Џенгис Бериша – правник во Здружение Станица П.Е.Т.

Темите кои се обработуваа првиот ден од летната школа ги опфатија правата поврзани со заштитата од дискриминација, народниот правобранител како еден од механизмите за заштита од дискриминација и бесплатната правна помош која ја даваат овластените здруженија, подрачните одделенија на министерството за правда и правните клиники низ државата. Така, параправниците покрај теоретските запознавања и насоки, имаа можност да ги споделат своите прашања и искуства од теренската работа кои ги идентификувале во секојдневното делување помеѓу граѓаните. Истакнаа дека треба да се подигне свеста кај граѓаните за улогата и значењето на институцијата Народен правобранител, со оглед на фактот што неговата улога потекнува и дејствува во насока на заштита на правата на граѓаните.

Вториот ден од летната школа за параправници беше посветен на правата од социјална заштита и работни односи, кои се едни од основните права со кои граѓаните имаат најголеми потешкотии при нивното остварување, а се од исклучително значење за нивното нормално и безбедно функционирање и обезбедување на добра материјална положба. Во однос на остварувањето на овие права, параправниците истакнаа дека граѓаните како од руралните средини, така и од ромската заедница се соочуваат со негативни решенија за остварување на права од социјална заштита, често имаат сфаќања дека за нив постојат само права, но не и обврски (пр. за пријавување на приходи, различни промени во правото, промена во фактичката состојба и сл.), а исто така, во голем број ситуации на институциите им треба долго време за да одлучат по барањата на граѓаните и покрај фактот што истите се наоѓаат во тешка ситуација и им е потребно што поскоро остварување на правото. Во однос на правата кои произлегуваат од работен однос, параправниците ги наведоа проблемите на работниците во големите фабрики каде често потпишуваат изјави без да ги прочитаат, понекогаш се плашат и да прашаат што потпишуваат, им наметнуваат високи норми кои е невозможно да ги остварат, а уште потешко можат да користат денови од одмор, кои им следуваат согласно законот, при што беше донесен заклучок дека на граѓаните им е потребна дополнителна едукација, но и институционална поддршка и заштита во случај на пријава на неправилности кај работодавачите.


Третиот ден од летната школа, параправниците и правниците на здружението дискутираа за правата поврзани со лична документација и статусни прашања, при што како основни проблеми беа наведени долгото чекање за издавање на било каков личен документ, а посебно патна исправа и возачка дозвола, но и неажурноста на институциите при закажување на термини за сликање за лични документи, а уште подолгата постапка за издавање на истите поради недостиг на вакви документи во МВР. Како позитивен пример единствено беше наведена Управата за водење матични книги, каде граѓаните можат во рок од еден ден, но и порано да добијат извод од матична книга на родени, венчани или умрени, но и да добијат ваков документ и покрај фактот што потекнуваат од друго место, различно од моменталното место на живеење. Како дополнителен проблем беше наведена постапката за издавање на државјанство за странец кога е во брак со државјанин на РСМ или врз основа на годините на законски престој, која често е долга и трае по неколку години, па граѓаните не можат да остваруваат права кои се од основно значење за нивната егзистенција. Како предлог за решавање на овие состојби беше наведено дека е потребно зајакнување на соработката со институциите, но и правење дополнителен “притисок“ врз нивната работа за решавање на постапките за државјанство во законски определениот рок.

*Летната школа е дел од активностите кои се спроведуваат во рамки на проектот: „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и СТАНИЦА П.Е.Т. со поддршка од Европската Унија.