На 27 јуни 2023 година, се одржа завршна конференција со која успешно беше заокружен проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“ кој се спроведува од јануари 2022 година и завршува во јули 2023.
Воведни обраќања на настанот имаа г-н Константин Јовановски, програмски офицер при Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, г-а Весна Наковска, раководителка на одделението за бесплатна правна помош во министерството за правда на Република Северна Македонија и г-а Љиљана Ристевска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.








Проектот беше уникатен бидејќи за прв пат некој помисли на луѓето од руралните средини, преку обучени параправници кои се дел од овие заедници им се помогна да ги остварат правата. Граѓани кои немаат пат, немаат автобус и немаат пристап до институции. Благодарение на Станица ПЕТ, овие, за многумина невидливи граѓани стана видливи и добија помош, насока, совет. За прв пат се формираше Мобилна канцеларија за параправна помош достапна во Витолиште, Ропотово и Кривогаштани. Ако граѓаните имаа ограничен пристап до институциите, тогаш одлучивме мобилната канцеларија да им биде достапна со тоа што ќе ја донесеме до нив.
Не помалку неопходна помош имаат и нашите сограѓани Роми. Нивната позиција е незавидна, често соочувајќи се со сиромаштија, па за нив параправниците се помош и за најмала работа: пополнување барања, придружба до институции, бидејќи само на тој начин ќе добијат квалитетна услуга, на која што имаат право.






Луѓето кои употребуваат дроги (ЛКУД) и сексуалните работници (СР) се во уште понеповолна позиција. Ако жителите на руралните средини немаат пристап до институции ЛКУД и СР покрај недостапноста се соочуваат и со отфрлање и дискриминација. Овие луѓе најчесто се во градовите, пред нашите очи, но се исплашени и немаат доверба во институциите, па не ги гледаме. ХОПС – Опции за здрав живот Скопје преку своите параправници обезбедува услуги за овие луѓе. Совети, информации за теми кои им се од корист.
Проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност –Станица П.Е.Т. финансиран од Европската Унија.