На 19 јуни 2023 година, свечено ја промовиравме редовната шпедитерска линија Прилеп-Липов Дол-Витолиште, со која жителите од мариовскиот регион конечно ќе имаат редовен превоз до и од Прилеп. Се стигнува за само 8 часа, а билет плаќа кој колку има! Најеколошка и засега единствена опција за организиран јавен превоз до овие места.










Со оваа креативна акција на сатиричен начин укажавме на неможноста жителите од мариовските села да ги остварат своите основни секојдневни потреби како што се купување намирници, здравствени и други јавни услуги, банкарски услуги, вадење на документи, а сето тоа поради недостатокот од јавен превоз на кој со години апелираат. Нецелосната санација на патот, на кој во некои делови се чини дека единствено шпедитер може да помине, дополнително ја влошува ситуацијата.
Наместо преземање на мерки за заживување на овој живописен регион, промоција на алтернативен туризам и органско производство на храна, се чини дека централните и локалните власти единствено чекаат овие места целосно да изумрат.






* Активноста е дел од проектот Пристап до правда за најмаргинализираните кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија , ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и СТАНИЦА П.Е.Т со поддршка од Европската Унија.
НАПОМЕНА: Акцијата беше симболична, а шпедитерската линија, возниот ред и билетите се фиктивни и истите нема во реалност да се практикуваат и користат. При реализација на акцијата не е применето никакво дејство на нехуман третман спрема вклучените животни.