Во периодот 08.06.2022 – 14.07.2022, во текот на шест работни денови, во просториите на Клуб ПЕТ се одржа Интер-религиска школа за комуникации, на која учество зедоа вкупно 17 претставници од 4 здруженија на граѓани и 3 религиозни групи.




































Во рамки на школата, учесниците се стекнаа со знаења и вештини на четири главни теми и тоа: комуникација, интер-религиски вредности и слободи, работа во заедницата и креативен активизам. Школата се реализираше по претходно подготвен курикулум од страна на две искусни експертки од наведените области – Моника Талеска и Марина Тошеска, и истата се реализираше во вкупно 18 работни сесии.
Сесиите се реализираа интерактивно и со многу голема вклученост на учесниците, преку комбинација на дискусии и креативни вежби, што ги приближи учесниците едни до други со секој следен час. Иако доаѓаа од различна возраст и потекло, сите учесници заедно создадоа една енергична и кохезивна група која постигна огромен напредок кон меѓурелигиското разбирање и прифаќање.
- Школата беше иницирана на 8 јуни, со првите сесии за работа во заедницата и креативно изразување.
- Вториот час се одржа на 16 јуни, продолжувајќи со оваа тема, со особен фокус на еднаквоста и правдата, социјалното претприемништво и подобрување и унапредување на креативните вештини.
- Понатаму, школата продолжи со третиот час на 23 јуни, со основите на комуникацијата, интер-религиските вредности, стереотипите и предрасудите.
- На 30 јуни, четвртиот час беше посветен на исклучително важната вештина на отворена комуникација, која е клучот не само за промовирање на сопствените религиозни убедувања, туку и за прифаќање на верувањата на другите.
- Петтиот час, кој се одржа на 7 јули беше посветен повторно на комуникацијата како вештина која има моќ да ги поврзе или да ги подели нашите заедници, во зависност од тоа како ја употребуваме. Притоа, стана збор за ширењето на позитивни вибрации и добрина, но и за говорот на омраза, како две спротивности крајности од нашата интеракција, кои е важно да ги распознаваме за да бидеме свесни за последиците кои ги предизвикуваме.
- На последниот ден од школата, како завршна активности учесниците изработија уметнички креативни творби, секој според своите афинитети, со кои ги изразија сопствените верувања и вредности. Овие творби ќе бидат наскоро изложени на јавна изложба, каде пошироката јавност ќе може да се запознае со нивното значење и она што учесниците имаа можност да го научат и споделат за време на школата. За крај, секој од нив доби сертификат за своето учество и симболичен подарок од СТАНИЦА П.Е.Т. како потсетник за ова инспиративно искуство.
*Активноста е дел од проектот Организирање на заедницата за зголемена интер-религиска комуникација и толеранција кој се реализира со поддршка на Националниот Демократски Институт (NDI) .